Откако синоќа беа комплетирани првите четвртфиналиња во Лигата на шампионите, излегоа и новите прогнози околу шансите на четвртфиналистите да го освојат „пехарот со уши“ оваа сезона.
Суперкомпјутерот на „Опта“ веќе ги пресмета шансите на тимовите учесници во оваа фаза да ја продолжат борбата и да го освојат трофејот! Нерешените 3:3 во Мадрид ја зацврстија позицијата на Манчестер Сити како прв фаворит за титулата во ЛШ и оваа сезона. Последните компјутерски анализи велат дека шансите англискиот и европскиот првак да го одбрани европскиот трон се 32,08%, што е за 4% повеќе од шансите кои им беа давани пред првиот меч на „Сантијаго Бернабеу“. Веројатноста за пласман во полуфиналето на „граѓаните“ е високи 65,45%.
Интересно е што по вчерашната победа во Париз, Барселона се искачи на второто место на фаворити за освојување на ЛШ. Каталонците имаат 15,97% шанси да бидат новите европски шампиони, а според суперкомпјутерот, Барселона има 76,83% шанси да го мине ПСЖ и да оди во полуфиналето.
Реал останува трет фаворит за освојување на ЛШ, но шансите за пласман во полуфиналето малку му паднаа од 40%, сега на 34,55%.