Работнички го доби големото соседско дерби со Вардар. Со голот на Оливер Пеев во 54. минута, „романтичарите“ ги освоија бодовите на гостувањето во „Маџари“ на дерби дуелот до 15. коло во ПМФЛ.
Шкендија немаше никакви проблеми на мечот со Силекс и оствари убедлива победа од 5:0. Нафиу и Емини отворија во првото полувреме, а во листата на стрелци во второто полувреме се запишаа повторно Емини, па Шефити и Фазли.
Беласица оствари значајна победа на домашен терен против екипата на Ренова. Домашните брзо отворија со голот на Филип Ивановски, по што следуваше погодок на Мишковски за гостите за израмнување.
Во вториот дел два гола на Балдовалиев и Ѓорѓиев струмичани дојдоа до трите бода.
Победа пред своја публика во Турново обезбедија фудбалерите на Академија Пандев. „Пандевци“ поведоа преку Сашко Пандев во 26. минута, а гостите успеаја да израмната преку Макота во 30. минута. Одлуката падна на 3 минути пред крајот кога гостинскиот фудбалер Исаевски ја погоди сопствената мрежа и им донесе победа на домашните.
Неизвесно до крајот беше во Ѓорче Петров, каде Македонија и Шкупи одиграа нерешено. Македонија тргна добро и преку Божиновски во 15. минута поведе со 1:0, по што до крајот на полувремето следуваа два гола за пресврт за гостите. Ангелов и Муарем погодија за чаирчани.
Во вториот дел дури во финишот домашните успеаја да извлечат еден бод со голот на Да Силва.