Македонската кошаркарска репрезентација во Сосновиец вечерва од 18.часот, во Арената „Арцелор Митал Парк“, ќе го одигра вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2025 година, против репрезентацијата на Полска.
На премиерниот меч во Скопје против репрезентацијата на Естонија, бевме блиску до победата, но на крајот се радуваа момците од Балтикот, кои имаа подобра завршница. Но распоредот на натпреварите во групата „Х“ од квалификациите за Евробаскетот не остава премногу простор, ни за тагување, ниту за радување. Следен предизвик за нашите најдобри кошаркари е Полска, која веќе има обезбедено пласман на Евробаскет 2025 како еден од домаќините на овој шампионат.
Двете селекции релативно добро се познаваат, особено ако се земе в предвид дека лани одигравме два контролни натпревари во Белград.
„Полска е навистина силна репрезентација, без оглед што е пласирана на Евробаскет сигурно ќе биде мотивирана да одигра добар меч на домашен терен. Ќе мораме да се бориме за секоја топка за да имаме шанса да стигнеме до позитивен резултат. Борбеноста мора да биде највисоко ниво за да се бориме за победа на овој меч“, вели Американецот Итан Хап пред ова прво гостување во квалификациите.
Покрај мечот Полска – Македонија, денеска во истиот термин од 18 часот во нашата група ќе играат и Естонија и Литванија.