Новото засилување на Арсенал, Рахим Стерлинг стана првиот англиски играч кој играл во Лигата на шампионите за четири различни екипи. Крилниот напаѓач синоќа го направи овој подвиг откако влезе во 73. минута за „топчиите“ при ремито 0:0 на гостувањето кај Аталанта.
Дебито на Стерлинг во најпрестижното клупско натпреварување беше во септември 2014 година кога Ливерпул го победи бугарскиот шампион Лудогорец со 2:1 на „Енфилд“. Во следната сезона, крилниот напаѓач се пресели во Манчестер Сити. Неговиот прв натпревар во ЛШ со тимот на „граѓаните“ беше во поразот од Јувентус со 1:2 на „Етихад“.
Неговото деби за Челзи во ова натпреварување дојде со шокантниот пораз од Динамо Загреб на 6 септември 2022 година, што доведе до отказ на Томас Тухел.
Синоќа Стерлинг настапи за својата четврта екипа во ЛШ, односно Арсенал и со тоа влезе во историјата на ова натпреварување.