Ралф Рангник и официјално седна на клупата на Манчестер Јунајтед и ја одржа првата прес-конференција. Германецот ги изнесе своите ставови и мислењето за составот со кој ќе располага во моментов.
„Се радувам што ќе соработувам со луѓето во овој клуб. Денес ќе имаме тренинг, а веќе в недела натпревар. Секако дека го следев Јунајтед, ги гледав последните натпревари. Прилично ми е јасно што се случува тука и какви се целите на клубот. Имав долг телефонски разговор со Џоел Глејзер, а зборував и со Оле Гунар Солскјер кој ми разјасни многу работи околу екипата. Во тимот има талентирани играчи, а главна задача ќе биде да го избалансирам. Јунајтед примаше премногу голови, вчера нови два, но ни беа потребни три за победа против Арсенал и победивме. Такви натпревари можеби се интересни за гледачите, но како тренери не ги сакаме“, рече Рангник.
Што се однесува до можните засилувања, Рангник рече:
„Не е време, ниту место да зборуваме за засилувања. Прво морам детално да го запознаам тимот. Потоа, по Божиќ може да зборуваме на оваа тема. Играчите мора да бидат свесни дека јас знам како треба да играат во иднина. Гвардиола со години е во Сити, како и Клоп во Ливерпул, во тоа се пред нас. Јас сум амбициозен. Иако сме далеку од првите три позиции, ќе видиме што ќе се случи понатаму“, изјави Рангник.