Селекторот на репрезентацијата на Гибралтар, Хулио Цезар Рибас посакува да го освои првиот бод на официјални натпревари за малата британска колонија.
Пред натпреварот со нашата репрезентација, Рибас на прес-конференција ги искажа своите очекувања за оваа среба.
„Натпреварот ќе биде многу важен за нас, заради историската шанса да играме на домашен терен. Затоа треба да се обединеме и моите фудбалери да го остават срцето на теренот. Верувам дека ќе биде историски натпревар, не е пријателски, туку официјален. Ние знаеме јасно што сакаме, не ни е многу важно што Македонија е фаворитот. Македонија има одлична екипа, има искусни фудбалери како Пандев, но и млади асови. Знаеме колку се опасни нивните напаѓачи Несторовски, Трајковски, Тричковски,… знаеме против каков ривал играме и свесни сме дека ќе биде тешко“, изјави Рибас.