Италијанскиот тим Рома сака да го купи Крис Смолинг, кој беше позајмен од Манчестер Јунајтед, јавуваат извори блиски до клубот.
Првата средба меѓу претставниците на клубовите се одржала во Рим. Раководството на италијанскиот тим во наредните денови ќе го направи првиот предлог за трансфер на 29-годишниот дефанзивец во износ од 10 милиони евра. Рома нема намера да изгуби време и сака да го направи овој трансфер што е можно поскоро.
Манчестер Јунајтед, пак, планира да побара за Смолинг околу 20 милиони евра, бидејќи неговиот настап во италијанскиот клуб не помина незабележано. Оваа сезона, англискиот дефанзивец учествуваше на шест натпревари од италијанскиот шампионат, во кои успеа да постигне еден гол. Рома е на четвртото место во Серија А со 19 бода од 10 одиграни кола.