Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и голгетер број 1 во историјата на англиската репрезентација Вејн Руни ќе го одигра последниот натпревар во дресот на „трите лава”, носејќи го легендарниот број 10, со кој игра во текот на годините.
Во 2016 година тој објави дека ја завршил својата кариера во репрезентацијата на Англија кога имаше 119 одиграни натпревари и 53 постигнати гола. Вечерва Англија ќе го пречека тимот на САД во пријателски натпревар.
Напаѓачот ќе биде резерва и откако ќе се појави на теренот, тој ќе ја стави капитенската лента. Пред тоа, капитен на англискиот тим ќе биде Фабијан Делф. „Најверојатно нема повторно да ја носи капитенската лента, па затоа е најдобро јас да му ја дадам и да остане кај него и да ја задржи”, рече Делф на прес-конференцијата пред натпреварот.
„Не сакав јас да донесувам такви решенија и за тоа разговарав со играчите. Сите фудбалери многу се радуваат што Вејн ќе го носи дресот со број 10. Сите веруваме дека ваквата чест му прилега. Ги почитуваме поранешните играчи”, изјави селекторот на Англија Герет Саутгејт.