Поранешниот репрезентативец на Словачка, Мартин Шкртел, го напушти италијанскиот прволигаш Аталанта по помалку од еден месец поминати во клубот, соопшти „Газета Дело Спорт“.
34-годишниот централен дефанзивец му се приклучи на тимот од Бергамо на почетокот на август со бесплатен трансфер од турскиот Фенербахче. Причините за раскинување на договорот на Шкртел не беа откриени, но според локалниот печат, тој имал здравствени проблеми и се нашол во судир со тренерот Џан Паоло Гасперини заради долгиот период на адаптација.
Словачкиот интернационалец во кариерата има настапувано за Тренчин, Зенит Санкт Петербург и Ливерпул, но не одигра ниту еден натпревар за време на неговиот предстој во Аталанта.