Синоќа во преполната сала во хотел „ХИЛС“ во Сараево, во рамките на 13. спортски меѓународен симпозиум „СИМПОСАР“, се одржа промоција на филмот „Моја Вистина“ за легендарниот поранешен југословенски фудбалер и тренер Вахид Халилхоџиќ.
Пред самата промоција се обрати авторот Сабахудин Топалбечировиќ кој му се заблагодари на Вахид за трпението додека се снимаше овој филм и најави дека самата промоција ке биде „Ноќ на Емоции“.
Во пресрет на промоцијата, беа поделени и бројни награди и признанија меѓу кои ќе ги истакнеме:
За АМБАСАДОРИ на симпозиумот признанија добија популарните: Аљоша Асановиќ, Хусреф Мусемиќ, Предраг Пашиќ, Игор Штимац и Роберт Јарни. Награди добија и: Раде Богдановиќ, Амар Осим и Јошко Јеличиќ за нивните коментари на тв од последното фудбалско првенство како и Матјаж Кек, селекторот на Словенија за успесите на „змајчеки“ на последното европско првенство.
Награда за „животно дело“ добија повеќе познати имиња меѓу нив и нашиот Васил Рингов, но и Енвер Мариќ, Џемал Хаџиабдиќ и др. На крајот се обрати и самиот Халилхоџиќ кој зборуваше за својот карактер и кариера, истакнувајќи дека досега три светски репрезентации ги однел на светско првенство, а ниту една не ја водел на Мундијалот, бидејки бил сменет пред почетокот на тие големи фудбалски настани. Нагласи дека можеби во Босна му се лути многумина што не ја води својата репрезентација, но мисли дека спортот може да ја смали тензијата, а репрезентацијата треба да игра и во Тузла, Мостар, Бања Лука и секаде во БиХ.