Летните олимписки игри кои оваа година ќе се одржат во Париз се секако најголемото спортско натпреварување во 2024 година, но во пресрет на овој настап ќе гледаме голем кошаркарски спектакл меѓу според многумина двете селекции кои што се најголеми фаворити за освојување на златниот медал на ЛОИ во Париз.
Кошаркарските репрезентации на Србија и САД ќе одиграат пријателски натпревар во рамки од подготовките за турнирот во Париз. Ова го потврди селекторот на Србија, Светислав Пешиќ.
„Најверојатно одиме во Абу Даби на турнир. Таму ќе играме прво со Австралија, па со САД. Испратија понуда да потпишеме договор, условите што ги добивме се фантастични. Федерацијата треба да потврди, но најверојатно ќе одиме таму“, изјави Пешиќ.
Веќе некое време се шпекулира дека Американците во Париз планираат да дојдат со најголемите ѕвезди и дека во овој Дрим Тим ќе играат Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Стеф Кари и уште многу НБА ѕвезди.Од друга страна и во селекцијата на Србија има кошаркари кои се носители на играта на своите екипи од НБА лигата, како што се Никола Јокиќ, Василије Мициќ, Богдан Богдановиќ и други. Ова значи дека пред Париз, во Абу Даби не чека уште еден кошаркарски спектакл.