Македонската фудбалска легенда Васил Рингов по цели 30 години имаше средба на генерациите со некогашниот репрезентативец на Југославија, а денеска еден од најпознатите фудбалски тренер од овие простори, Вахид Халилхоџиќ. Во рамките на Меѓународниот спортски симпозиум „Симпосар“ во Сараево, екипата на Спортското радио 90.3 фм ги улови овие две големи имиња на екс-југословенскиот фудбал, кој се видоа за првпат по три децении, откако некогаш играа заедно во поранешната југословенска лига, Васе Рингов во дресот на Вардар, а Халилхоџиќ како дел од мостарски Вележ. Средбата изобилуваше со емоции и спомени.
Инаку и Рингов и Халилхоџиќ се дел од меѓународниот спортски симпозиум, кој се одржува до 21 септемрви. По минатогодинешната премиера на филмот за Тони Кукоч, организаторите оваа година имаат нов „хит“ со филмот за фудбалската легенда Халилхоџиќ на авторот Сабахудин Топалбеќировиќ, снимен во копродукција на „Спортклуб“ и „Симпосар“.
Овој документарец е насловен како „Мојата вистина“ и говори за кариерата на Халилхоџиќ, кој се прослави и како фудбалер, но и како тренер, при што за првпат ќе открие и некои моменти за кои досега молчеше, а се претпоставува дека се врзани со неговите искуства и водење на репрезентациите на Мароко, Брегот на слоновата коска, Јапонија и Алжир.
На гала вечерта ќе бидат доделени и награди, при што оваа година меѓу добитниците на наградата за животно дело е и Рингов.