Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, триумфираше на Јапонското ГП, 17-та трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1, каде неговиот тим ја обезбеди титулата кај конструкторите.
Двократниот светски шампион ја постигна 13-та победа сезонава, 11-та на последните 12 трки, а 48-та во кариерата, по исклучително доминантното издание.
Најблиску до Холанѓанецот беше Ландо Норис од Мекларен, додека на третото скалило на подиумот се најде Оскар Пјастри, кој на тој начин стигна до првиот подиум во кариерата.
Ваквиот исход значи и дека Ред Бул стана шампион кај конструкторите втора година по ред, а шестипат во историјата, откако Верстапен сам освои повеќе поени од двоецот на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел заедно. Во исто време, Верстапен се најде на чекор од одбрана на титулата, бидејќи неговата предност пред тимскиот колега Серхио Перес е 177 бода, а во оптек се уште 180 бода до крајот на сезоната. Холандскиот возач ќе ја има првата шанса за третата шампионска титула за две недели во Катар.