Вечерва продолжуваат натпреварите во Лигата на шампионите и битката за пласман во елиминациската фаза од елитното натпреварување. Не очекуваат осум натпревари од групите Е, Ф, Г и Х кои се распоредени во традиционалните термини оваа сезона, од 18.55 часот и од 21.00 часот.
Неколку тимови се многу блиску до следната фаза. Меѓу нив е италијанскиот шампион Јувентус, кој во минатото коло загуби изненадувачки дома со 1:2 од Манчестер Јунајтед во групата Х и денес има потреба само од бод против Валенсија, за да продолжи понатаму во ЛШ. Во меѓувреме, „Црвените Ѓаволи“ го пречекуваат аутсајдерот Јанг Бојс и ним им е неопходна победата. Манчестер Јунајтед ќе биде сигурен ако победи, а во исто време Валенсија не успее да победи во Торино. Јанг Бојс е надвор од битката за пласман понатаму, но имаат минимална шанса за третото место доколку победат на „Олд Трафорд“.
Во групата Г вниманието е свртено кон битката за врвот во Рим меѓу домашната екипа на Рома и актуелниот носител на трофејот Реал Мадрид. Во септември Реал победи во Мадрид со 3:0, но оттогаш тимот бележи пад, но истото може да се каже и за Рома во Серија А. ЛШ сепак е друго натпреварување и двата тима се должни да го покажат своето вистинско. Во вториот натпревар од групата ЦСКА Москва ја пречекува Викторија Плзен. Рускиот тим има минимални шанси за осминафиналето, но победа или нерешено ќе им обезбеди продолжување во Лига Европа.
Исклучително интересен дуел не очекува во групата Ф, каде еден од главните фаворити за трофејот Манчестер Сити гостува кај Олимпик Лион. „Граѓаните” ќе бараат реванш поради поразот од французите во првиот натпревар кој го загубија дома со 1:2 на 19 септември. Лион мора да освои барем бод, за да ги задржи шансите за осминафиналето, а тоа може да се покаже и доволно, ако во другиот натпревар од групата Хофенхајм и Шахтјор одиграат нерешено.
Во групата Е, Баерн ја пречекува Бенфика. Баварците се лидер во групата со 10 поени и потребно им е да освојат барем бод за пласман во 1/8-финалето. Тимот од Лисабон е трет со 4 бода и има потреба од задолжителен успех, но треба да чека победа на грчкиот АЕК над Ајакс, за да ги задржи теоретските шанси за да продолжи понатаму. Дуелот е важен за баварците, кои се далеку од посакуваната форма во Бундеслигата, а во Германија веќе отворено се зборува за замена на тренерот Нико Ковач.
Натпреварите АЕК – Ајакс и ЦСКА Москва – Плзен се играат од 18.55 часот додека останатите шест натпревари ќе бидат одиграни во терминот од 21.00 часот и ќе ги следите низ нашата програма.