Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа имаше здравствени проблеми уште пред натпреварот од второто коло од групната фаза во Лигата на шампионите со Бриж, пишува „Мундо Депортиво“
Според истиот извор, белгискиот голман имал стомачен вирус утрото на состанокот, но тој по секоја цена сакал да биде на голот на својата екипа. Главниот тренер на тимот Зинедин Зидан знаеше за болеста на неговиот голман, но под притисок на Тибо Куртоа се согласил да го стави во почетниот состав. Куртоа прими два гола од Бриж во првото полувреме и беше заменет со Алфонс Ареола. Натпреварот заврши со резултат 2:2.
На полувреме, беше објавено дека Тибо не е во можност да ја продолжи средбата поради проблеми со стомакот и вртоглавица. Исто така се појави информација дека, поради здравствени проблеми, голманот не можел да го вози автомобилот и го напуштил стадионот дури откако татко му дошол по него.