Јувентус постигна договор со Пари Сен Жермен за продолжување на позајмицата на Рандал Коло Муани. Во оваа фаза, договорот е Французинот да учествува на Светското клупско првенство, но „бјанконерите“ сакаат да го задржат следната сезона.
ПСЖ нема намера да се потпира на Коло Муани и е подготвен да го пушти на позајмица во Јувентус, но сака опција за откуп да биде вклучена во новиот договор.
Францускиот интернационалец не беше конзистентен во своите настапи на стадионот „Алијанц“, но сепак е најефикасниот напаѓач на клубот во 2025 година.
Останувањето на Коло Муани е важно за гигантите од Торино од друга причина. Се очекува Душан Влаховиќ да замине ова лето. Србинот има договор до јуни 2026 година и во оваа фаза „бјанконерите“ немаат намера да му понудат нов. Влаховиќ преговара за трансфер во Фенербахче, но ги замрзна тие разговори бидејќи сака да разговара со Масимилијано Алегри.
Новиот тренер на Милан стапи во контакт со него. Токму тој беше за неговиот трансфер во Јувентус пред неколку години и двајцата имаат одличен однос. Сепак, трансферот во Милан би бил доста комплициран поради високата плата на напаѓачот.

