Facebook Twitter Instagram
    Спортско Радио 90.3
    • Дома
    • Фудбал
    • Кошарка
    • Ракомет
    • Тенис
    • Домашен микс
    • Меѓународен микс
    Спортско Радио 90.3
    Home»Домашен микс»Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026
    Домашен микс

    Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

    risteBy riste16/11/2026No Comments3 Mins Read
    Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email

    Тројца млади спортисти ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон. Ева Митевска го освои осмото место на 100 метри, Петар Цеков заврши на 21. место во пливање, а Марио Брезовски на 24. место во триатлон

    Со посветеност, борбеност и достоинствено претставување на државата, македонските спортисти го завршија своето учество на Младинските олимписки игри Дакар 2026, оставајќи зад себе спортски достигнувања и искуство што претставуваат важен чекор во нивниот понатамошен развој.

    Младинските олимписки игри кои се одржаа во Сенегал обединија 2.655 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 204 национални олимписки комитети. Натпреварувањата се одржаа во 25 спортови, а за секој спорт беа одредени квалификациски критериуми за учество од страна на соодветните меѓународни федерации и Меѓународниот олимписки комитет.

    Дакар 2026 беше историски момент за олимпиското движење, бидејќи за првпат еден олимписки настан се одржа на африканскиот континент.

    Македонија учествуваше со седумчлена делегација составена од тројца спортисти, тројцата нивни тренери и шеф на делегацијата, кои ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон.

    Највисок пласман оствари Ева Митевска во атлетската дисциплина 100 метри, освојувајќи го осмото место во финалната трка и вбројувајќи се меѓу осумте најдобри млади спринтерки на Игрите. Особено значајно е што во финалето Ева истрча 12,28 секунди, подобрувајќи го својот најдобар резултат. Овој настап е потврда за нејзиниот напредок и способноста да го даде најдоброто токму на најважната трка.

    Во пливање, Петар Цеков настапи во дисциплината 400 метри слободно, со време од 4:10,60 минути, освојувајќи 4. место во својата група и 21. место во генералниот пласман. Неговата главна дисциплина, 800 метри слободно, која претставуваше негов најсилен адут, беше откажана поради високата температура на водата во базенот. Одлуката беше донесена од организаторите во интерес на безбедноста и здравјето на натпреварувачите.

    Марио Брезовски е првиот македонски триатлонец кој се квалификувал на едни Младински олимписки игри. Тој настапи во спринт триатлон (750 метри пливање, 20 километри велосипедизам и 5 километри трчање) и го заврши натпреварувањето на 24. место со време од 59:06 минути. Особено впечатлив беше неговиот пливачки дел, во кој Марио излезе прв од водата, пред сите останати натпреварувачи. Неговиот настап беше обележан со висока конкурентност и борбеност, потврдувајќи го потенцијалот што го носи.

    „Младите спортисти навистина ме воодушевија со својата посветеност, дисциплина, одговорност и односот кон обврските во текот на целиот престој. За мене, како шеф на делегацијата, беше особено задоволство да ги следам не само нивните тренинзи и настапи, туку и начинот на кој се претставуваа надвор од спортските терени. Ова беше многу повеќе од натпреварување, беше можност да растат како спортисти и личности. Настапите во Дакар треба да се вреднуваат не само низ призмата на конечните пласмани, туку и преку постигнатите лични резултати, конкурентноста, спортскиот напредок и искуството стекнато во меѓународна конкуренција. Финалето и најдобриот резултат на Ева, настапот на Петар во изменети околности и историското учество на Марио се три различни, но подеднакво важни приказни за младинскиот спорт во Македонија“, истакна Елена Зисовска Апостолска, шефица на македонската делегација.

    Зад настапите на македонските спортисти стоеше и посветен тренерски тим, составен од Горан Стаменов, тренер по пливање, Данчо Ѓорѓијевски, тренер по триатлон и Божурка Ѓошевска, тренерка по атлетика, чија стручна работа и поддршка беа важен дел од подготовките и настапите на спортистите.

    Македонскиот олимписки комитет им честита на спортистите, нивните тренери и националните спортски федерации за вложениот труд, посветеноста и достоинственото претставување на државата.

    Младинските олимписки игри се завршени, но за овие млади спортисти тие се само една важна станица на патот кон нови спортски предизвици. Македонија беше дел од историјата, а иднината на македонскиот спорт продолжува да се гради токму преку ваквите генерации.

    Photo: IOC OIS/Joel Marklund

    Share. Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email

    Related Posts

    Ален и Адријан Рустемовски од утре ги започнуваат натпреварите на ЕП ви бокс У-23

    16/11/2026

    Украинецот Захариев е освојувач на 55. „Златен Гонг“

    15/11/2026

    Денеска се на програмата финалните натпревари на 55.Златен гонг 2026

    15/11/2026

    Leave A Reply Cancel Reply

    СПОРТСКО РАДИО 90.3 / ВО ЖИВО
    МАРКЕТИНГ
    Следете не на Facebook
    Најнови вести
    • Македонија против Словенија го затвора неуспешното поглавје во Лигата на нациите Б -лига
    • Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026
    • Ален и Адријан Рустемовски од утре ги започнуваат натпреварите на ЕП ви бокс У-23
    • Англиската репрезентација постави рекорд по натпреварот против Шпанија
    • Баерн Минхен бара дури 300 милиони евра за Мајкл Олисе
    За Спортско Радио
    Почнувајќи од 22 февруари 2005 година, Спортското радио 90.3 фм емитува исклучиво спортска програма, со повеќе од 15 часовна програма во живо. Концепцијата на Спортското радио 90.3 фм е пред се, брзо и точно информирање за сите спортски настани. Спортското радио 90.3 фм има традиција, преточена во нов спортски звук!

    © 2026 ThemeSphere. Designed by ThemeSphere.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.