Арсенал не ги запира трансферите. Откако неодамна го обезбедија потписот на Виктор Ѓoкереш, Лондончани сега се насочени кон ѕвездата на Кристал Палас, Еберечи Езе.
Според информациите од новинарот Бен Џејкобс, објавени синоќа, Арсенал имал позитивни разговори со Кристал Палас во врска со трансферот на 27-годишниот англиски репрезентативец, а самиот играч изразил желба да се пресели на „Емирати“.
Арсенал се надева дека ќе избегне целосно плаќање на клаузулата за ослободување на Езе од 68 милиони фунти, која истекува денес – 1 август.
Кристал Палас инсистира првично да добие 35 милиони фунти, а остатокот да се плати на рати. Од своја страна, Арсенал размислува да му понуди на Палас играч плус пари. Имињата на Рис Нелсон или Фабио Виеира се поврзуваат како можни делови од договорот.
Микел Артета го гледа Езе како клучен елемент во нападот на тимот. Минатата сезона, Езе постигна 14 гола и имаше 11 асистенции, вклучувајќи го и победничкиот гол во финалето на ФА Купот против Манчестер Сити.
Езе е поранешен младински играч на Арсенал и, според англиските медиуми, сонува за враќање и учество во Лигата на шампионите.
За да финансираат евентуален трансфер, „топџиите“ се подготвени да го продадат Рис Нелсон (во напредни преговори со Фулам), како и Александр Зинченко, додека Леандро Тросард исто така има нејасна иднина поради интересот од Борусија Дортмунд.

