Џејмс Милнер ја носеше „6-та“ на грбот во Брајтон од првиот ден и тоа е број кој целосно одговара на позицијата која ја игра на теренот, но сега Џејмс реши да направи промена, и тоа во чест на трагично загинатиот Диого Жота.
Ливерпул како клуб го повлече овој дрес од сите категории за да му искаже вечна благодарност на Португалецот, но Милнер сега ќе игра токму со тој број во Премиер лигата.
Некогашната ѕвезда на Ливерпул, Манчестер Сити и Њукасл реши да го промени бројот за новата сезона, па даде и кратко објаснување зошто повлекува таков емотивен потег.
– Кога слушнав дека Карлос Балеба сака да го промени бројот и 20-та стана достапна, сакав веднаш да го добијам тој број за да оддадам почит и чест на Диого Жота. Тој беше неверојатен играч и бев доволно среќен да играм покрај него и да го имам за пријател. Ќе биде голема чест да се носи овој број во новата премиерлигашка сезона, – изјави Милнер.

