Црвена Звезда традиционално посветува внимание на фудбалските таленти од македонското поднебје, а во иднина „црвено-белиот“ дрес ќе го носи и уште еден македонски играч со голем потенцијал.
Се работи за Павел Марковски, 16-годишен фудбалер кој веќе се адаптира на новите соиграчи од редовите на српскиот гигант и добива шанса да продолжи да ја гради кариерата во младинската академија на поранешниот европски шампион.
Марковски првите фудбалски чекори ги има направено во ЛЏ Битола, а по краткиот престој во Франција, се враќа во Пелистер, од каде по една сезона станува член на младинската академија на Работнички.
По четири успешни години во скопскиот тим, Марковски успеа да се наметне како еден од најквалитетните крилни фудбалери во својата генерација и веќе е дел од поширокиот список на македонската У-17 репрезентација.
Настапите за помладите младинци на Црвена Звезда ќе му овозможат полесно да се наметне во националниот тим и селекторот Димитар Капинковски, а во моментов тој и неговите нови колеги се на подготовки во Козарска Дубица (БиХ), по што ќе се фокусираат и на новата сезона во која екипата повторно ќе биде водена од Владимир Сандуловиќ.
Павел потекнува од спортско семејство, односно е син на нашето легендарно ракометно крило, Иван Марковски.

