Попладнево со два натпревари од првото коло стартува новата фудбалска сезона во Македонија. Фаворитите за титулата, Шкендија и Вардар, уште денеска ќе се појават на терен во битка за првите бодови.
Шампионот Шкендија ќе ја има честа да ја крене завесата на новиот шампионат и тоа на домашен терен во Тетово каде го пречекува чаирски Шкупи. Мечот почнува од 17 часот.
Од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе биде многу повозбудливо, бидејќи се среќаваат вечните ривали Вардар и Пелистер.
„Конечно стартува шампионатот за кој се подготвувавме цело лето. По успешната европска авантура, сега целосно сме фокусирани на домашното првенство. Не може да се посака подобар старт, вечно дерби против Пелистер, под рефлектори, пред нашите навивачи. Вистинско уживање. Сконцентрирани сме, подготвени и максимално мотивирани“, истакна дефанзивецот на Вардар, Мислав Матиќ, во очекување на дуелите.
Од денеска, за првпат во домашното првенство, ќе се применува и ВАР системот на сите прволигашки терени.

