Македонските одбојкари веќе пристигнаа во Атина каде треба да го одиграат натпреварот против Грција во квалификациите за Европското првенство.
Оваа средба може да биде клучна за одржување на континуиетот на учества на големите собири. Домаќинот важи за фаворит на оваа средба, а на нашите одбојкари им е потребно да освојат сет за да останат во игра.
„Дуелот со Грција е еден од најважните натпревари за нас летово. Одлично ја темпиравме формата, одигравме квалитетни пријателски дуели кои ни покажаа што е добро во нашата игра, а што треба да поправиме и работевме на тоа деновиве. Анализираме, поставуваме тактика и мислам дека во одлична форма влегуваме во утрешниот натпревар. Резултатите од останатите групи се во наша полза, и сега е се во наши раце. Потребен ни е минимум сет против Грција и мислам дека нема да го бараме минимумот, туку ќе одиме на максимум и зошто да не приредиме изненадување во Атина!? Големо е значењето на овој натпревар – пласман на ЕП и сите сме свесни за тоа. Мотивација и инспирација не ни недостасуваат, желбата е голема и може да очекуваме добра игра, па зошто да не и победа. Сите сме здрави, расположени, има убава атмосфера во тимот и верувам дека тоа ќе се преслика и во играта и на натпреварот“, истакна нашиот репрезентативец Филип Савовски.
Натпреварот меѓу Грција и Македонија ќе се одигра в среда од 19:00 часот во салата „Мелина Меркури Рентис“ во Атина.
ФОТО: Одбојкарска федерација на Македонија

