Одбојкарската репрезентација на Македонија не успеа да дојде до посакуваниот резултат на гостувањето кај Грција во Атина, загуби во три сета и сега не е се во рацете на нашите одбојкари во обидот да се дојде до место на Европското првенство.
Натпреварот во Атина заврши со резултат 3:0 (18-25, 15-25, 25-27) за репрезентацијата на Грција. Нашите репрезентативци беа најблизу да го освојат тој посакуван сет во третиот сет, кога имаа водство во повеќе наврати, на почетокот водеа со 10:5 и 11:6, но Грција се врати и направи пресврт и во финишот влегоа со предност.
Сепак и Македонија имаше сет топка кој не ја искористи, за на крај домашните одбојкари да го добијат третиот сет со 27:25 и да дојдат до победа од 3:0. Сега на одбојкарите ќе им биде потребна чиста победа од 3:0 над Грузија во последното коло, а и да се поклопат сите резултати од другите групи, за да се игра на ново Европско првенство.
Кај Македонија најдобри поентери беа Никола Ѓорѓиев со 13 и Љафтов и Маџунков со по шест поени.
Мечот меѓу Македонија и Грузија се игра на 17 август во Скопје.
ФОТО: Одбојкарска федерација на Македонија

