Македонската одбојкарска репрезентација по четврти пат во низа ќе игра на Европските првенства, овојпат на она што е закажано за 2026 година.
Вечерва избраниците на Миленкоски дојдоа до победата која е клучна, максимално славје против Грузија со која дојдовме до посакуван резултат и продолжување на низата на настапи на големите натпреварување.
Одново наш лидер беше капитенот Никола Ѓоргиев кој е среќен и задоволен што тие како група Македонија останува на одбојкарската мапа.
-Чувството е феноменално, би сакал да им честитам на сите играчи, стручниот штаб и цела организација. Грузија не е класа, ама да победиш 3-0 психички е многу тешко, а ние покажавме дека психички сме планина. Можеби сите тешки услови од минатото, направија да бидеме психички планина, во ДНК ни е никогаш да не се откажуваме, да играме против сите, во ДНК ние да бидеме на ЕП. Посакувам сите спортови да играат на ЕП, без разлика дали се тимски или индивидуални, -истакна капитенот кој верува дека овој настан ќе биде големо искуство за помладите кои треба да ги наследат во блиска иднина.
-Самото тоа што младите се учесници на ЕП, што гледаат, тренираат со нас е плус за нив. Примаат совети од нас и можам да кажам дека младите се на одличен пат, има притисок и кај нив затоа што ние пишуваме историја, тие треба да не наследат. Сакаме да бидеме конзинстетни на ЕП и не се задоволуваме со ништо друго. Нема да им биде лесно, одбојката е спорт број два по ракометот, па ако јануари е резервиран за ракометот, септември за одбојката. Се надевам тоа ќе стане традиција, -заврши Никола.

