Фудбалската репрезентација на Македонија ја чекаат два меча за краток период. Утре во Скопје ќе играме пријателски против Летонија додека во вторник ќе гостуваме кај Велс во последното коло од квалификациите за Мундијалот во 2026 година.
„Сигурно е дека Атанасов и Муслиу нема да играат а сите останати ќе бидат во комбинација. Што се однесува до Летонија, нема потреба да се штедиме затоа што имаме пет дена одмор до вториот меч со Велс. Кога игра Македонија сите што ќе бидат во тимот ќе се стават во функција и ќе бидат на максимум“ – рече селекторот Благоја Милевски.
„Секогаш победа носи поголема самодоверба за секој следен меч, од друга страна имаме план кој не води напред. Акцентот е на тимот, секогаш ќе биде така додека сум селектор“ – потенцираше Милевски пред утрешниот меч од 18:00 часот на Арената „Тодор Проески“. Влезот е слободен.

