Напаѓачот на Ливерпул, Александар Исак, бил опериран на скршениот зглоб, објави клубот.
Шведскиот интернационалец се повреди за време на дербито со Тотенхем, кое „црвените“ го добија со 2:1 во Лондон.
Исак ја претрпе сериозната повреда додека го постигнуваше првиот гол на натпреварот, со кој го отвори резултатот. И покрај тоа што доби медицинска помош на теренот, тој не можеше да го продолжи натпреварот и беше заменет.
По медицинските тестови, стана јасно дека Исак има скршен зглоб, за што е потребна хируршка интервенција.
Клубот информираше дека операцијата е извршена во понеделник и дека закрепнувањето на играчот ќе продолжи во тренинг центарот на „црвените“.
Ливерпул не даде предвидувања за враќањето на својата ѕвезда, но се чини дека тој ќе отсуствува во следните неколку месеци. Различни извори укажуваат дека Исак ќе ги пропушти преостанатите натпревари на Ливерпул до крајот на сезоната.

