Поранешниот македонски селектор и екс тренер на Вардар, Андон Дончевски, преку медиумите се прости од едно од најголемите фудбалски имиња во нашава земја, Васил Рингов, кој почина вчера на 70-годишна возраст.
– Имавме среќа да соработуваме заедно јас како тренер а тој како капитен во време кога апсолутно доминиравме низ цела Југославија. Можевме да го гледаме на терен мирен и сигурен а во исто време решителен и храбар со застрашувачки удар и многу прецизен центаршут.
-Се сеќавам на денот кога дојде од Тетекс и на првите подготовки во Крушево, додека бевме во Втора лига. Уште тогаш се гледаше дека станува збор за фудбалер од посебен калибар кој ќе го преземи товарот и го вратиме Вардар онаму каде и заслужува да биде. Верував дека тој го постигна еден од најважните голови за Вaрдар – иако чудно, со глава – гол што значеше многу повеќе од резултат. Таквите моменти не се забораваат. Таквите луѓе не се заменуваат.Почивај во мир, Василе. Честа беше да соработуваме, гледаме и да те паметиме. Вечна ти слава, -порача Дончевски.

