Македонскиот олимписки комитет и Општина Кисела Вода денеска одржаа значајна работна сесија посветена на модернизацијата на локалниот спорт и едукацијата на спортските кадри. На настанот, свои обраќања пред присутните имаа претседателот на МОК, г. Даниел Димевски и градоначалничката на Општина Кисела Вода, г-ѓа Бети Стаменкоска Трајкоска.
Претседателот Димевски во својот говор истакна дека Општина Кисела Вода покажува сериозен капацитет да биде лидер во стратешкото управување со спортот, нагласувајќи дека денешниот спорт бара не само терени, туку и образована администрација која знае да користи меѓународни фондови.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска ја потврди подготвеноста на општината за создавање врвни услови за младите, посочувајќи го партнерството со МОК како клучен чекор за развој на новите олимписки надежи.
Како резултат на оваа средба, најавена е интензивна соработка преку организирање стручни семинари за спортски работници, воведување на олимписка едукација во училиштата и модернизација на спортската инфраструктура според светски стандарди.


