Македонските спортисти кои ја преставуваат нашата земја на ЗОИ во Кортина/Милано веќе се подготвуваат за своите први настапи. Ставре Јада ќе биде првиот наш натпреварувач кој ќе го има својот настап утре во 9.55 часот во Крос Кантри спринт трката и очекуваме да го направи својот најдобар резултат.
Според зборовите на заменик шефот на нашата олимпписка делегација на ЗОИ во Кортина/Милано, Петар Спасеновски, сите наши спортисти се добро и одлично се чувствуваат пред нивните настапи:
„Можам да кажам дека сите наши спортисти се подготвени за своите настапи и дека максимално ги одработија последните тренинзи, ние сме во постојана комуникација со нив со оглед дека не сме на исто место сите во македонската делегација. Од последниот разговор кој го имав со Ставре Јада тој е задоволен од сработеното и од условите кои ги има за настап на утрешната трка. По пристигнувањето овде на ЗОИ имавме несекојдневно отварање кое беше на повеќе локации, нешто што досега се немаше случено. Максимално го користиме времето да им бидеме од помош на нашите спортисти и се што им е потребно да го имаат овде на ЗОИ. Исто така разменуваме контакти со другите преставници на олимписките делегации кои ќе ни помогнат многу во иднина“ рече Спасеновски низ разговорот во програмата на Спортско радио 90,3 ФМ.

