Второлигашот Вардар го комплетираше осминафиналното друштво во Купот на ОФМ во женска конкуренција откако со 3:0 (25:12, 25:11, 25:16) се радуваше против Универзитет во Тетово во последниот дуел од претколото.
„Вардарки“ ја оправдаа фаворитската улога и покрај тоа што натпреварот во договор меѓу екипите беше одигран на теренот во Тетово. Во осминафиналето на 18. февруари, бранителот на куп-титулата Наковски Волеј ќе го пречека Борец, Работнички Скопје се соочува со Ново Село, Газели Волеј за противник ја има Виола Волеј, додека Младост УГД игра со Форца Волеј ЕМА.
Шампионот Јанта Волеј КВ ќе ги одмери силите со Вардар жени 2019, Пелистер Волеј ќе се „судри“ со Фламинго Волеј, додека последните две двојки ги сочинуваат прволигашки екипи, односно Струмица игра со Ускана, како и скопското дерби Вардар ЕМ со Фит Фан Волеј.

