Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Гоце Седлоски, се осврна на групата што ја добивме во наредното издание на Лигата на Нации. Таму не чекаат Шкотска, Швајцарија и Словенија.
„Шкотска и Швајцарија се главните фаворити. Тоа се две селекции со континуитет на настапи на големи натпреварувања, учесници и на претстојното Светско првенство. Имаат квалитет и искуство на највисоко ниво“ – изјави Седлоски за официјалниот сајт на ФФМ.
„Ние не влегуваме во овој циклус со улога на аутсајдер. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, без разлика дали играме дома или на гости. Ќе се трудиме да го наметнеме нашиот стил на игра, дисциплиниран, организиран и храбар. Да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б. Имаме генерација која е зрела, имаме јасна идеја како сакаме да изгледаме на теренот и треба да веруваме во квалитетот” – потенцираше Седлоски за веб-порталот на нашата фудбалска федерација.

