Денеска се одржа редовното годишно собрание на Фудбалската Федерација на Македонија на кое беа едногласно усвоени сите 22 точки од дневниот ред. Меѓу главните одлуки беа изгласувањето на новиот изменет и дополнет Статут на федерација, како и потврдата на одлуките за суспензии на општинските фудбалски сојузи од Охрид и Кичево на две години поради неправлности во работењето.
Во своето обраќање претседателот на Федерацијата, Масар Омерагиќ, во прецизен и аргументиран говор и им се обрати на присутните и го образложи своето едногодишно работење.
„Во периодот пред да пристигнам како претседател на Федерацијата, во само еден месец од сметката на Федерацијата се извлечени пет милиони евра кои што биле наменети за проекти. Ние не се жалевме поради тоа, само го нотираме како факт. Се трошело недомаќински, но само во една година заштедивме повеќе од еден милион евра“, потенцираше Омерагиќ.

Првиот човек на македонскиот фудбал потврди дека по пријава и аларм од релевантни фудбалски институции, за повеќе фудбалски натпревари на кои има индиции за нарушен фудбалски интегритет, се водат постапки, а истите ќе бидат јавно обелоденети по нивното завршување.
Омерагиќ изнесе фрапантен податок дека со спроведеното вондредно пререгистрирање на фудбалерите во Македонија се констатирани 30.000 фиктивни и имагинарни имиња кои фигурирале како регистрирани фудбалери при поранешното раководство. Тоа значи дека од 44.000 фудбалери кои биле регистрирани до пред една година, сега во Македонија има нешто повеќе од 14.000 фудбалери, односно 300% помалку од онаа претходна бројка на фиктивни имиња.
Инаку на тековното собрание беа присутни 61 од 65 активни делегати.

