По големото разочарување во Копенхаген, Македонија ќе одигра пријателски натпревар против Ирска во Даблин, а денеска селекторот на македонската репрезентација го одржа официјалниот прес во пресрет на пресметката.
Гоце Седлоски имаше непријатно деби како селектор на националниот тим и сигурно уште некое време ќе извлекува заклучоци за поразот од 4:0, но во меѓувреме мора да го мотивира својот тим за она што следи, односно дуелот со Ирците.
Седлоски најави промени во тимот кој утре ќе истрча на теренот, но за во иднина најави дека костурот на македонскиот тим повторно ќе биде составен со голем дел од актуелните фудбалери.
– Утре ќе направиме измени на некои позиции, но нема да настапиме со целосно нов тим. Се договоривме да има осум замени и ќе направиме ротации. Од натпреварот со Ирска ни почнува она што е зацртано за иднината. Почнуваме да градиме тим кој дополнително ќе биде освежен во јуни.
– Играчите кои беа повикани сега, тоа беа играчи кои играат за клубовите. Тие играчи ќе имаат предност во репрезентацијата. Оној кој игра за Македонија, не игра за мене или за некој друг, игра за нацијата, игра за својата земја. Секој си одговара за своите постапки и не се мешав во лични одлуки, – изјави Седлоски како одговор на прашањето за заминувањата на Бојан Миовски и Александар Трајковски кој објави и повлекување од репрезентацијата.
– Што се однесува до мене, вратата од репрезентацијата не му ја затворам на никого. Се одлучив за момците кои го понесоа товарот во изминатите години, а особено во квалификациите. Разговарав и со Стефан Ристовски и со Аријан Адеми за во иднина, како и со други потенцијални репрезентативци кои не ги исклучувам од идните планови. Костурот на тимот ќе биде овој, но треба да се освежува репрезентацијата. Ќе гледаме и ќе скенираме и во домашното првенство и сигурно тимот ќе добие мало освежување во иднина, – изјави Седлоски.

