Македонското кендо испиша нова страница во својата историја, откако сениорската репрезентација го освои златниот медал на 16-тото Балканско првенство, одржано на 25 и 26 април во Белград, Србија.
До титулата балкански шампион, македонските репрезентативци стигнаа со импресивни настапи и сигурни победи против реномирани селекции како Црна Гора, Романија, Бугарија и Грција, за во финалето да ја совладаат и Турција.
Покрај екипното злато, остварен е и значителен успех во индивидуална конкуренција, со вкупно осум освоени медали:
Михаил Миленковиќ (злато), Јована Андоноска (злато), Валисиј Ристески (сребро), Ивона Лазаровска (сребро), како и бронзени медали за Марко Петрески, Максимилијан Климоски, Меланија Крстевска, Гордан Чоланчевски и Пеце Андоноски.
Успехот беше надополнет и со бронзен медал за јуниорската екипа (Илиоски, Чоланчевски, Крстевски), која е меѓу најмладите на турнирот и претставува силна база за идните генерации и развојот на овој спорт кај нас.
Златниот сениорски тим го сочинуваа Андреј Александров, Олег Бичковски, Александар Кесковски, Матеј Ивановски и Владимир Пешков – состав кој конечно го направи исчекорот до самиот врв, по неколку години во кои Македонија беше редовен финалист, но без титула.
Овој резултат доаѓа како потврда за континуитетот и напредокот на македонското кендо, кое веќе има забележителни настапи и на европска сцена. На Европските првенства во Франција и Холандија, Македонија се пласираше меѓу осумте најдобри репрезентации.
Иако европски медал сè уште е предизвик, од таборот на репрезентацијата се оптимисти дека со ваков тренд, таков успех е достижен во блиска иднина. Следниот предизвик е Европското првенство во Подгорица, во јуни 2026 година, каде Македонија ќе се обиде да го направи следниот голем чекор.

