Најдобриот македонски атлетчар, Дарио Ивановски, член на АК „Скопски маратон“, победи на полумаратонот на 10-то јубилејно издание на „Охрид трчаТ“ што се одржа денеска низ улиците на Охрид. Тој патеката од 21 километар ја мина за време од 1 час 10 минути и 46 секунди.
Втор на целта на 21 километар пристигна Игор Трипуновски од Македонија со време 1:19:22 часа, а трет беше Томаш Суњог од Унгарија со време 1:21:52ч.
Во женска конкуренција на полумаратонот најбрза беше Греса Бакрачи од Косово со време 1:31:35ч., втора пристигна Биљана Кираџиева од Србија (1:34:07ч.), а трета финишираше Благица Јованова од Македонија со време 1:35:24ч.
На 10-то јубилејно издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ учествуваа рекордни 2700 тркачи од 30 земји.

