Македонската Дејвис куп репрезентација избори промоција во Втората Светска група од Дејвис купот откако денеска во Кишињев во дуелот за третото место ја победи Црна Гора со 2-1. Решавачкиот поен македонските тенисери го освоија во играта на двојки каде Калин Ивановски и Олег Приходко ги победија Петар Јовановиќ и Алекса Кривокапиќ со 2-0 во сетови (76(4) и 62).
Претходно во првиот сингл меч Ивановски го победи Срѓан Кнежевиќ со 2-0 во сетови (62 и 64), додека Олег Приходко загуби од Петар Јовановиќ со 2-0 (64 75).
Во дуелот за првото место денеска Молдавија ја победи Летонија со 2:0, во мечевите за пласман Грузија го победи Азербејџан со 2:0, а Република Ирска беше поуспешна од Косово со 2:0.
Пласман во Втората Светска група изборија Молдавија, Летонија и Македонија, опстанок во Третата Европска група обезбедија Црна Гора, Грузија и Република Ирска, додека Косово и Азербејџан испаѓаат и се селат во Четвртата Европска група.

