Вардар вечерва во Летонија ќе се обиде да направи изненадување против екипата на Рига на реванш натпреварот од 2.коло на Конференциската лига на УЕФА. Тренерот Кристијан Фабијани пред средбата во главниот град на Летонија рече:
„Ни следи нов европски натпревар за оваа сезона. Тактички мора уште повеќе да се подобриме од претходните мечеви, да ги намалиме грешките, а притисокот ќе биде повеќе врз домаќинот Рига. Мора да играме трпеливо, тактички да бидеме перфектни и со намалени грешки во сите линии. Сите играчи кои допатуваа со нас ќе конкурираат за игра, ги немаме во тимот само Хоакин Торес и Бобан Николов“, изјави Фабијани.
Капитенот на тимот на Вардар, Азар Омерагиќ најавува дека екипата не се откажува и ќе оди на победа на оваа средба:
„По натпреварот во Скопје, ни следи реваншот во Рига. Ништо не е готово затоа што ни следи второ полувреме со ривалот. Ќе се бориме на терен, ќе играме за дресот и боите на Вардар, сакаме добро европско издание. Ако функционираме добро тактички и без грешки и ако ги следиме советите на тренерот од тренинзите, можеме до позитивен резултат за нас во Рига“, изјави Омерагиќ.
Натпреварот меѓу Рига и Вардар се игра вечерва во 19 часот во Летонија.

