Македонскиот вицешампион Шкендија ќе се обиде да ја анулира негативата од првиот натпревар против словенечки Браво и да обезбеди место во третото квалификациско коло од Конференциската лига.
Тетовци во првиот натпревар во Словенија долго време имаа контрола врз играта и водеа, но поради грешките во одбраната на крајот загубија со 2-1.
Сепак, во клубот владее оптимизам дека со поддршката од трибините можат да направат пресврт и да се пласираат понатаму.
За таа цел и обезбување што поголема поддршка, Шкендија донесе одлука влезот на стадионот да биде бесплатен за сите навивачи.
Тренерот Положани нема да може да смета на голманот Бабакар Гаје, кој сè уште се опоравува од повредата. Надвор од комбинација е и Имран Фетаи, кој во моментов води преговори за интернационален трансфер, па клубот одлучи да не биде во составот за овој натпревар.
Шкендија во реваншот влегува по убедливата победа од 3:0 над Скопје на стартот од новата сезона во ПМФЛ, додека Браво изминатиот викенд доживеа тежок домашен пораз од 3:0 против Нафта во словенечкиот шампионат.
Унгарскиот судија Мартон Рус, заедно со своите сонародници како помошници во судиската екипа ќе ја делат правдата на оваа средба која се игра вечерва со почеток од 20:00 часот.

