Фудбалскиот клуб Вардар веднаш реагираше по вчерашниот пораз од Шкендија во 2.коло од ПМФЛ и се раздели со досегашниот тренер Кристијан Фабијани.
Фабијани со неговото доаѓање најавуваше агресивен и напаѓачки фудбал од Вардар под негово водство, а по лошите изданија во Европа , а посебно по вчерашната фудбалска лекција која ја добија неговите избраници од Шкендија на „Тодор Проески“ брзо го оставија без работа.
Вардар беше целосно надигран во второто полувреме и посебно загрижи безидејноста која ја покажаа избраниците на Фабијани, па токму тренерот е тој кој експресно се претвора во прва жртва во новиот проект на Вардар.
Фудбалскиот клуб од Скопје денеска ја информираше јавноста дека е прекината соработката со аргентинскиот стручњак, а набрзо ќе се донесе одлука за тоа кој тренер ќе го води тимот во продолжение од сезоната.
„ФК Вардар АД Скопје и шефот на стручниот штаб Кристијан Фабијани постигнаа спогодбен договор за раскин на договорот, кој стапува во сила веднаш“, – гласи кратката објава на „црвено-црните“.

