Денеска од Сплит можеме да кажеме дека една навистина голема спортска приказна полека ја заокружува својата 30-годишна историја. Вчерашниот ден беше вистинскиот врв на прославата на 30 години Плазма Спортски игри на младите.
И мора да почнам од едно место кое вчера навистина беше центар на спортскиот свет во Сплит – Хрватското народно казалиште.
Во HNK Split беше одржана свечената церемонија по повод големиот јубилеј на Игрите. И кога ќе кажеме 30 години, треба да се знае за каква приказна станува збор – низ Игрите досега поминале милиони деца, а денес тие се една од најголемите аматерски спортски манифестации во Европа. Само на оваа меѓународна завршница во Сплит има 1.224 млади учесници од петте земји во кои Игрите се одржуваат, плус гости од Украина.
А вчера, во Хрватското народно казалиште, на едно место се собраа навистина неверојатни имиња.
Златан Ибрахимовиќ, Славен Билиќ, Иване Балиќ, Тони Кукоч, Никола Карабатиќ, Ален Бокшиќ, Дарио Срна, Петар Метличиќ, Горан Иванишевиќ, Александар Чеферин, Марио Манџукиќ, Предраг Мијатовиќ…
И уште многу големи имиња од светскиот спорт. Хрватските медиуми со право напишаа дека HNK Split веројатно одамна немал собрано толку големо спортско друштво на едно место.
Но, центарот на оваа свеченост сепак беа – децата.
Затоа што токму тие се во центарот на оваа приказна веќе три децении.
Посебен момент беше прогласувањето на тројца нови амбасадори на Плазма Спортските игри на младите – легендарниот хрватски тенисер Горан Иванишевиќ, поранешната светска тениска број еден Ана Ивановиќ и европскиот комесар Магнус Брунер.
И токму тука, во таа прекрасна сала во центарот на Сплит, можеше да се почувствува колкава приказна станале овие Игри.
А за нас од Македонија, посебно чувство.
Затоа што оваа година Македонија за првпат стана дел од ова големо семејство.
Нашите деца дојдоа во Сплит, се натпреваруваа со најдобрите од регионот, освоија седум медали – три сребрени и четири бронзени, а Томи Јакимовски доби и посебно признание за фер-плеј.
Но, она што следуваше навечер беше нешто што навистина тешко се опишува со зборови.
ПРОКУРАТИВЕ – ЛЕГЕНДА ДО ЛЕГЕНДА
На сплитските Прокуративи – полни трибини, фантастична атмосфера и на теренот… ѕвезда до ѕвезда.
Златан Ибрахимовиќ.
Дарио Срна.
Марио Манџукиќ.
Никола Карабатиќ.
Клод Макелеле.
Марсел Десаи.
Александар Чеферин.
Предраг Мијатовиќ.
Немања Видиќ.
Аљоша Асановиќ.
Павел Недвед.
Горан Драгиќ…
И уште голем број легенди и големи имиња.
Официјалниот состав навистина изгледа неверојатно – а уште поубаво е што тие не дојдоа само да одиграат ревијален натпревар. Играа против децата, против младите СИМ-овци од шест земји.
И тука резултатот навистина не беше најважен. Заврши 4:4.
За тимот на ѕвездите погодија Срна, Манџукиќ, Ибрахимовиќ и Карабатиќ.
Но, најубавото не беше резултатот. Најубавото беше после натпреварот.
Децата ги опколија своите идоли. Фотографии, автограми, разговори, дружење…
И јас лично, како човек кој беше таму, морам да кажам – тоа беше фантастична сцена.
Да гледате како деца кои до вчера ги гледале овие луѓе само на телевизија, сега стојат покрај нив, разговараат со нив и се фотографираат со нив…
Тоа е можеби најголемата вредност на целата оваа приказна.
А легендите беа навистина на ниво.
Го издржаа целото внимание, дружењето, фотографирањето и барањата од децата.
И токму затоа ова не беше само All-Star натпревар.
Тоа беше подарок за децата. И една прекрасна слика за тоа што може да направи спортот. Од една страна – светски спортски легенди.
Од другата – деца кои допрва треба да ги напишат своите спортски приказни.
А помеѓу нив – фудбалски терен и една порака: спортот не познава граници.
И токму со таа порака Македонија ја завршува својата прва меѓународна завршница на Плазма Спортските игри на младите.
Седум медали, едно признание за фер-плеј, огромно искуство и една приказна која, се надеваме, од година во година ќе биде уште поголема.
Од Сплит,
Тони Митев, Спортско радио 90.3 фм и Derbi.mk.

