Македонската фудбалска репрезентација на крајот на овој месец и почетокот на октомври ја очекуваат првите натпревари од новата сезона во Лигата на нации, но за прв пат во Б- сегментот каде квалитетот на противниците е на уште повисоко ниво.
Селекторот Гоце Седлоски на брифинг со новинарите откри дека планира за овие натпревари да повика повеќе играчи затоа што имаме 4 натпревари во само десетина дена.
„Планот ми е за овие 4 натпревари да повикам меѓу 30-35 играчи кои ќе бидат со нас на собир. Не очекуваат исклучително тешки натпревари , но сега фокусот ми е за дуелот со Швајцарија за која знаеме каде е во светскиот фудбал. Од она што го видов на изминатите четири натпревари , сакам да направам одредени промени и затоа планирам да им дадам шанса и на неколку млади играчи кои мислам дека ќе бидат дополнително мотивирани за настап во А-селекцијата.
Ги следам сите играчи и ќе им дадам шанса на сите кои со своите настапи во клубовите покажуваат дека заслужуваат да бидат дел од репрезентацијата. Матеј Гаштаров од Црвена Ѕвезда и Казимчан Караташ од Галатасарај ќе се најдат на списокот , за вториот чекаме да биде завршена процедурата за спортски пасош. Со ова ќе добиеме нови опции во офанзивата и на бековските позиции. Ќе имаме неколку натпревари за многу краток период и затоа ќе мора да правиме ротации, а најподготвените ќе добијат и најголема минутажа на натпреварите. Сакам да победуваме, таков бев како играч, така сакам да размислуваат и фудбалерите кои го носат дресот на Македонија.
Ќе биде тешко затоа што играме со многу силни противници, но на домашен терен сме знаеле да бидеме подобри од многу силни репрезентации. Се надевам дека ќе почне да функционира и нападот и ќе почнеме да постигнуваме голови односно ќе ја подобриме реализацијата “ рече селекторот Седлоски.

Maкедонија во првото коло од новата сезона во Лигата на нациите ќе се сретне со Швајцарија, на 26 септември во Скопје.

