Со почетокот на новата учебна година започнува и шестата сезона на проектот -„Ракомет За Секое Дете“. Активностите ќе се реализираат на повеќе локации во Скопје и Велес и тоа за деца од 6 до 13 години.
„Време е децата да се вратат на спортот, на дружењето и во салите. Нашата цел е ракометот да им биде достапен и интересен на што поголем број деца, без разлика дали еден ден ќе станат врвни спортисти или ракометот ќе остане дел од нивното детство.“ – вели Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“.

Проектот започна во 2021 година и денес функционира преку три сегменти: школо за ракомет во Скопје и Велес, „Јуниор Куп“, турнирски систем во мини-ракомет и меѓународниот ракометен камп „40х20“, кој секое лето се одржува во Охрид.




