Елиф Елмас не го криеше разочарувањето по новиот пораз на Македонија во Лигата на нации. Нашата репрезентација загуби со 0-2 од Шкотска во Скопје, а Елмас призна дека тимот одиграл далеку под своето ниво.
„Искрено, не знам што да кажам. Игравме многу лошо. Шкотска заслужено победи. На сите играчи им е тешко, а и мене ми е тешко“, изјави Елмас.
Македонскиот репрезентативец потенцира дека од ваквиот период мора да се извлечат поуки.
„Седум натпревари, седум порази и нула постигнати голови. Мене ми е најтешко бидејќи по тоа што го направивме во минатото, не е лесно да се биде дел од овој тежок период. Мора да се кренеме од оваа бездна, да прифатиме дека сме под нивото во групата и да најдеме начин да се подобриме“, порача Елмас.

