Со интензивна дружба, позитивни мисли, насмевки, споделување спортски вредности и ревијален фудбалски турнир, успешно заврши 34. Меѓународна спортско-медиумска ревија “Турнир на Медиуми“ во организација на Спортското радио 90.3 фм. Годинава уште еднаш се потврди долгогодишната традиција која ги обединува новинарите, спортистите, тренерите и медиумските работници од земјата и регионот (Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина).

Во фокусот на овогодишното издание беше инспиративната панел-дискусија насловена „Спортот во ерата на вештачката интелигенција: етика, здравје и извонредност“. Пред исполнетата Свечена сала на Ректоратот на УКИМ, врвни експерти и спортски работници дебатираа за трансформативната улога на современите технологии во спортската анализа, тренинзите и донесувањето одлуки, ставајќи го во рамнотежа технолошкиот напредок со човечкиот фактор, етиката и фер-плејот. Панелот како новитет, му даде посебна тежина на настанот и отвори перспективи кон кои треба да се движи целата манифестација и наредните години.

Манифестацијата понуди и богат спортски дуел на терените, каде низ динамични натпревари во мешани екипи дојде до израз вистинскиот спортски дух и меѓусебна соработка. Фудбалот не беше приоритет, но добро е кога заеднички спортуваме.

Кулминација на настанот беше свечената завршна вечер, каде беа доделени признанијата и наградите за најуспешните поединци и екипи во четирите репрезентации, заокружувајќи ја оваа спортска приказна со многу радост, аплаузи и заслужени признанија.
Со спуштањето на завесата на ова издание, Спортското радио 90.3 фм и учесниците се разделуваат со полни срца и прекрасни сеќавања и веќе разгорена желба исчекувајќи ја следната, 35. јубилејна манифестација!

