Шпанскиот судија Хуан Мартинес Мунуера ќе биде главен арбитар на неделното Ел Класико меѓу Барселона и Реал Мадрид, во рамките на 10. коло од шпанската Ла Лига. За ВАР-системот ќе биде задолжен Хавиер Иглесијас Виљануева, потврди Шпанската фудбалска федерација.
За Мунуера ова ќе биде петти натпревар меѓу двата најголеми шпански ривали. На претходните четири дуели што ги судел, Реал Мадрид остварил три победи, додека Барселона славела еднаш. Последниот нивни меѓусебен натпревар под негово судење беше финалето на шпанскиот Суперкуп во 2024 година, кога Реал победи со убедливи 4:1.
Мунуера има долгогодишно искуство во шпанското првенство, каде што суди од сезоната 2013/14, а меѓународна лиценца поседува од 2015 година.

