Македонската ММА натпреварувачка Даниела Алексовска оствари голема победа пред домашната публика на настанот ФНЦ 34 во Скопје, откако со прекин во третата рунда ја совлада Гркинката Мина Хаџопулу.
Алексовска во решавачката рунда успеа да ја собори противничката на подот, по што зададе серија удари. Хаџопулу ги крена рацете, а судијата ја прекина борбата и ѝ ја додели победата на македонската натпреварувачка.
Со овој триумф, Алексовска стигна до деветтата победа во својата кариера, од кои шест ги има остварено со завршница. Таа важи за една од најперспективните македонски ММА натпреварувачки, а настапот на ФНЦ 34 имаше посебно значење бидејќи регионалната организација за првпат одржа настан во Македонија.

