Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, испрати неколку јасни пораки на прес-конференцијата на која го објави списокот на фудбалери за претстојните натпревари против Шкотска и Словенија во Лигата на нации.
Во фокусот на вниманието беа отсуството на Бојан Миовски и Илија Несторовски, но и односот што селекторот го очекува од репрезентативците кога го носат националниот дрес.
Седлоски потенцираше дека изборот на фудбалерите не е случаен и дека еден од главните критериуми за повик во националниот тим е редовната минутажа во клубовите. Токму тоа е причината поради која Бојан Миовски не се најде на списокот за ноемврискиот репрезентативен циклус.
Напаѓачот на Глазгов Ренџерс подолг период не добива доволно можност за настап, па селекторот се одлучи за други решенија во нападот. Сепак, Седлоски нагласи дека вратата за Миовски не е затворена и дека неговото враќање ќе зависи од тоа колку ќе игра во клупскиот дрес.
„Миовски не е избришан, кога ќе игра во тимот ќе биде повикан“, е пораката на селекторот, кој јасно стави до знаење дека нема да прави исклучоци кога станува збор за критериумите при составувањето на репрезентативниот список.
Сличен е случајот и со Илија Несторовски, кој и покрај одличната голгетерска форма во дресот на Славен Белупо, повторно не доби повик за националниот тим. Искусниот напаѓач има седум постигнати голови на 11 натпревари во хрватскиот шампионат и се наоѓа меѓу најдобрите стрелци во лигата.
Сепак, Седлоски објасни дека неговото отсуство е дел од пошироката стратегија за подмладување на репрезентацијата.
„Несторовски игра во одлична форма и има дадено многу за репрезентацијата на Македонија. Сепак, јас кажав дека имам јасна концепција. Почнав процес на подмладување и ќе продолжам по тој пат“, истакна селекторот.
Но, најострата порака на Седлоски беше упатена до оние фудбалери кои, според него, не го сфаќаат доволно сериозно репрезентативниот повик. Тој порача дека повеќе нема да толерира несоодветен однос кон националниот тим и дека секој фудбалер мора да покаже максимална посветеност, дисциплина и желба за борба за репрезентативниот дрес.
„Нема повеќе доаѓање во репрезентацијата само за да се видат со роднините и пријателите“, е пораката со која Седлоски сака да воспостави поинаков однос и поголема одговорност во националниот тим.
Со овие ставови, новиот селектор јасно најавува дека нема да се води од имињата и претходните заслуги, туку пред сè од актуелната форма, минутажата и односот на фудбалерите кон репрезентативниот дрес.
Македонија во ноемврискиот циклус ја очекуваат две важни средби во Лигата на нации. На 13 ноември гостува кај Шкотска, додека на 16 ноември на домашен терен ќе ја пречека Словенија.

