Денеска во спортската сала „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода започнува јубилејното 55. издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“.
На турнирот ќе настапат 89 боксери од 20 земји, а денешната програма започнува во 14 часот со четвртфиналните борби. На распоредот се вкупно 25 пресметки.
Македонските бои ќе ги брани и Марија Костовска, која во категоријата од 75 до 80 килограми ќе се соочи со Украинката Ирина Лустак.
Полуфиналните борби се закажани за утре од 14 часот, додека големото финале ќе се одржи во недела со почеток во 17 часот.
Минатогодишниот освојувач на „Златниот гонг“, Ален Рустемовски, нема да го брани трофејот бидејќи ќе настапи на Европското првенство за боксери до 23 години во хрватскиот Пореч. На истото првенство ќе учествува и неговиот брат Ружди.
Јубилејното издание е уште една потврда за традицијата и меѓународното значење на „Златниот гонг“, кој со децении е еден од најпрепознатливите боксерски настани во Македонија.

