Македонската фудбалска репрезентација нема време за одмор по враќањето во Глазгов, бидејќи денеска следи последниот официјален тренинг, а веќе утре последниот натпревар за нас во Лигата на нации.
Словенија ќе биде последна пречка за избраниците на Гоце Седлоски, кои после добрите импресии кои ги оставија на „Хемпден парк“ веруваат дека се подготвени за прва победа во Б сегментот во Лигата на нации.
„По долгиот пат и враќањето од Глазгов, најважно е што речиси сите сме здрави. Единствено неизвесен е Димитар Митровски кој се пожали на повреда, но денеска после тренингот ќе видиме каква ќе биде работата. Играме против Словенија, селекција на која веќе и гостувавме и со која одигравме коректно. Примивме голови по наши грешки, но за мене најважно е тоа што се случи во петокот. Во Глазгов покажавме дека можеме да парираме и дека можеме да се надигруваме. Словенија е поинаква репрезентација, тие се компактни и градат акции од дефанзива. Очекувам отворен натпревар со голови, па на крајот нека победи подобриот. Мислам дека ќе покажеме карактер и дека ќе дојдеме до трите бодови. Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по 2-3 шанси – треба да ги искористите. За составот кој утре ќе истрча на терен ќе одлучам после официјалниот тренинг“, изјави Седлоски пред натпреварот кој се игра утре на „Тодор Проески“ во 20:45 часот.

