Српскиот судија Милорад Мажиќ, ќе биде човекот кој ќе ја има задачата да го суди финалниот меч од Лигата на шампионите меѓу екипите на Реал (М) и Ливерпул закажан за 26 мај во Киев.
Комисијата за судии на УЕФА денеска објави дека српскиот арбитар ја добива задачата да го одсуди ова големо финале на Олимпискиот стадион во Киев, додека Бјорн Кујперс од Холандија, кој беше исто така фаворит за финалето од ЛШ ја добива задачата да ја дели правдата на финалето од Лигата на Европа меѓу Атлетико (М) и Олимпик (М) во Лион.
Мажиќ (45) е интернационален судија од 2009 година. Оваа сезона, тој судеше на четири натпревари во Лигата на шампионите, како и на две средби на УЕФА Лигата на Европа. Тој, исто така, го судеше финалето на ФИФА Купот на конфедерации меѓу Чиле и Германија.

